Секторот за контрола и истраги, успешно откри и спречи обид за шверц на 104 пакети цигари со вкупно 5.200 штеки цигари.
Камионот кој бил пријавен како празен на излез од државата на граничен премин Ново село, е селектиран за детален царински преглед.
Прегледот е извршен од инспектори од Одделението за оперативни работи кои имаат врвни откривачки оперативни капацитети. При деталниот преглед во полуприколката ладилник во предниот дел е откриен специјално конструиран бункер со преграда каде се откриени цигарите.
Преземени се истражни дејствија од инспекторите од Одделението за истраги и поднесена е кривична пријава против возачот, српски државјанин. Царинската управа и натаму ќе спроведува мерки за обезбедување услови за фер конкурентност и стабилност на пазарот, при што во фокус е спречување обиди за царински измами и шверц на тутун и тутунски производи.


