Комисија за заштита на конкуренција ги казни Евроинс, Триглав, Сава, Еуролинк, Уника, Граце, Халк, Кроација и други осигурителни компании за картелско здружување. Глобите надминуваат 17 милиони денари

0
49

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) донесе решение со кое утврди постоење на картелско однесување меѓу десет осигурителни компании на пазарот на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (АО).

Според КЗК, во усогласеното однесување учествувале: Евроинс Осигурување, Триглав Осигурување, Македонија – Виена Иншуренс Груп, Сава Осигурување, Еуролинк, Граве, Уника, Осигурителна Полиса, Халк Осигурување и Кроација Осигурување.

Во постапката било утврдено дека компаниите во периодот од 1 март до 7 мај 2024 година разменувале чувствителни информации, координирале активности и речиси истовремено донеле идентични одлуки за зголемување на режискиот додаток, односно делот од премијата што се однесува на вршење на дејност.

КЗК оценува дека ваквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, што е најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Со размената на информации и паралелното носење ценовни одлуки, независната деловна политика била заменета со колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането.

Врз основа на утврдените факти, КЗК изрече прекршочни санкции во вкупен износ од околу 280.000 евра. Ова значи дека секоја од десетте осигурителни компании би платила просечно по околу 28.000 евра казна.

Од Комисијата нагласуваат дека остануваат посветени на заштита на фер пазарни услови, спречување на картели и обезбедување конкурентна средина во интерес на потрошувачите и стопанството.

Превземено: Банкарство