Грчките земјоделци денес ја блокираат Кулата – Промахон

0
60

Се очекува грчките земјоделци денес да го блокираат граничниот премин кон Бугарија, Кулата-Промахон , како и клучните патни делници во северна Грција. Демонстрантите од регионот Серес предупредија дека од пладне ќе го затворат патот до бугарската граница со трактори, јавува БНР.
Доколку полицијата изгради кордон и ја запре земјоделската механизација, земјоделците имаат намера да формираат човечки синџир. Сè уште не е јасно дали блокадата ќе биде симболична или долгорочна.

Демонстрантите бараат исплата на целата должна помош и надоместоци, како и мерки за зголемување на откупните цени на земјоделските производи.

Се очекува и привремено прекинување на сообраќајот помеѓу Комотини и Ксанти.
По речиси дводневна блокада на контролниот пункт „Евзони“ кон Северна Македонија, земјоделците се повлекоа .
Подготовки за нови блокади има на три локации на автопатот Солун-Атина, на патот Солун-Халкидики , како и на некои од островите.
Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, изјави дека сите долгови кон земјоделците ќе бидат платени до крајот на годината. Сепак, демонстрантите изјавија дека не веруваат во ветувањата и се заканија дека ќе ги блокираат пристаништата.