Фотографија со Насер Ориќ го чинеше Аца Лукас концерт. Поради слика со воениот командант на РБиХ, откажан концертот во Јахорина

0
75

Концертот на српскиот пејач Аца Лукас што требаше да се одржи на 12 декември во Олимпискиот центар во Јахорина беше откажан. Причината за откажувањето е фотографијата на која пејачот е во друштво на поранешниот воен командант на Армијата на РБиХ, Насер Ориќ.

„Фотографијата предизвика загриженост и возбуда кај јавноста во Република Српска. Јавноста ќе биде навремено информирана за новиот изведувач кој ќе настапи наместо најавениот, додека сите други програми во рамките на Скијачкото отворање ќе бидат реализирани според планот“, се вели во соопштението на Олимпискиот центар.

Фотографијата објавена од самиот Ориќ предизвика бурни реакции. Тоа го вознемири претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и до неодамна претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

„Аца Лукас длабоко нè повреди сите нас во Република Српска со поврзувањето со Насер Ориќ. Злосторствата што Насер Ориќ и неговите војници ги извршија против српскиот народ во областа на Сребреница и Братунац беа монструозни, и затоа Лукас, фотографирајќи се со него, длабоко ги повреди потомците на жртвите и српскиот народ.

По овој чин, Аца Лукас го изгуби кредибилитетот за каков било иден настап во Република Српска, особено на отворањето на зимската сезона во Јахорина“, напиша Додик на X.
Насер Ориќ е бошњачки воен командант кој ја предводеше одбраната на енклавата Сребреница за време на војната во Босна и Херцеговина. За Бошњаците, тој е симбол на одбраната на Сребреница од српските сили до нејзиниот пад во јули 1995 година.

Во исто време, многу Срби го сметаат за одговорен за злосторства против српските цивили во околните села во текот на 1992 и 1993 година.

Тој беше обвинет за воени злосторства против Србите од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, но беше ослободен во 2008 година. Судот заклучи дека, иако злосторствата биле извршени, не е докажано дека Ориќ лично ги наредил или можел да ги спречи.

Превземено: Репортер.мк