Тензии на протестот на земјоделците во Грција

0
85

Тензии на протестот на земјоделците во грчкото село Платикампос, во близина на градот Лариса, објави „Екатимерини“.
Викендов, земјоделците се собраа со трактори во обид да ја блокираат раскрсницата Никаја на автопатот што ги поврзува северниот и јужниот дел од земјата.
Сепак, тие беа запрени од полицијата за немири. Патот беше целосно блокиран од полициско комбе поставено преку патот. Ова предизвика жестоки расправии со земјоделците кои бараа да се премести.
Ситуацијата ескалираше кога полицијата употреби солзавец за да ги растера земјоделците кои се обидуваа да ја продолжат блокадата.
На друг протест во соседниот регион Кардица, земјоделците успеаја да стигнат до автопатот Е65 и покрај напорите на полицијата да ги спречи демонстрациите.
Земјоделците се подготвени да ја интензивираат својата кампања поради зголемените трошоци за производство, доцнењето на исплатата на надоместоците и проблемите поврзани со државната агенција за земјоделски плаќања ОПЕКЕПЕ.
Полицијата воведе привремени ограничувања во сообраќајот на стариот автопат Лариса-Атина напладне, пренасочувајќи ги возилата кон алтернативни патишта за да се намали метежот.