Фото група “Широк Агол“ со втора годишна изложба: Осум теми, 37 приказни и еден заеднички визуелен јазик

0
72

Во Галерија 22 беше отворена Втората годишна изложба на фото групата „Широк Агол“, на која се претставени 37 фотографии распределени во осум авторски теми: „Линии“, „Сведоци“, „Мото собири“, „Структури“, „Емоции“, „Рефлексии“, „Патувања“ и „Птици“.

Секој автор настапува со сопствена концептуална насока, градејќи мини-колекции што ја истражуваат геометријата на урбаните простори, движењето, човечките моменти, природата и играта на светлината. Фотографиите се создадени на различни локации – од Штип до бројни меѓународни дестинации – при што погледот и чувството на авторите се во центарот на визуелното раскажување.

Изложбата ја нагласува фотографијата како избор, став и уметнички процес, а не само како документ. Претставените теми носат повеќегодишни истражувања и личен визуелен јазик на секој фотограф. Организаторите ги повикуваат посетителите да им дадат време на фотографиите, да ги „прочитаат“ и да ја почувствуваат енергијата што се создава кога блиските и далечните светови се преточуваат во интимни визуелни приказни.