Откако полицијата повторно ги блокираше пратениците од опозицијата кои се обидуваа да влезат во зградата на парламентот во Белград, пред зградата дојде до туркање и физичка пресметка. Пратениците од опозицијата се обидоа да поминат низ таканаречениот Ќациленд, шаторска населба пред влезот, повикувајќи се на вчерашното ветување на претседателката на парламентот Ана Брнабиќ дека ќе им биде дозволено, објавува nova.rs.
Ескалацијата се случи кога пратениците од Народното движење на Србија Ѓорѓе Станковиќ и од Зелено-левичарскиот фронт Богдан Радовановиќ се обидоа да отстранат шатор поставен на самите скали пред парламентот, по што беа нападнати од луѓе од протестниот камп и полицијата.
Ова е втор ден по ред инциденти на влезот во парламентот. Полицијата вчера се судри со пратениците од партијата Србија центар (Срце), предводена од Здравко Понош, кои исто така се обидоа да влезат на главниот влез преку Ќациленд.
Веднаш по тој инцидент, пратениците од опозицијата, на средба со претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, побараа оградата околу шаторската населба да се помести за да можат непречен пристап до своите работни места.


