ЕСЕ: Жените кои бегаат од семјно насилство тонат во сиромаштија поради кредити и позајмици

0
77

Со почетокот на 16-те дена на активизам против насилството врз жените, Здружението ЕСЕ предупредува дека најневидливата, но најраспространета последица од семејното насилство е длабоката економска несигурност во која западнуваат жените и децата по напуштањето на насилната заедница.
Дури 80 проценти од жените биле спречени да работат од партнерот, а 42 проценти го изгубиле работното место како директна последица од насилството. Ситуацијата дополнително се влошува со високите, често приватно плаќани здравствени трошоци – лекови, хоспитализации, матичен лекар и итна помош – за кои многу жени немаат пристап до јавни услуги или навремена поддршка.
По напуштањето на домот, жените се соочуваат со нови трошоци за сместување, кирија, сметки, транспорт, основен мебел и секојдневни потреби, а поради недоволната државна поддршка, над 90 проценти од нив земаат кредити или позајмици од роднини и пријатели за да преживеат во првите месеци. Издршката за децата, според анализата, исто така не ги обезбедува потребните средства.
Во повеќе од половина од случаите судски определената издршка е недоволна, а 70 проценти од жените се соочуваат со ненавремена или целосно неплатена издршка. Повеќето избегнуваат да ги користат законските механизми поради долгите и скапи постапки, но и поради страв од одмазда од насилниот партнер, велат од ЕСЕ.
Од ЕСЕ порачуваат дека потребни се итни системски решенија: финансиска помош во првите 6 до 12 месеци по напуштањето на насилната заедница, програми за вработување и преквалификација, функционален механизам за наплата на издршката, како и координирана институционална поддршка за надминување на економските последици од насилството.