Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против скопско правно лице и неговиот сопственик М.С. поради сомневање за „Даночно затајување“ и „Оштетување или повластување на доверители“.
Според истрагата, во периодот од 2019 до 2021 година пријавениот не евидентирал остварен промет од продажба на основни средства и материјали во вредност од над 103 милиони денари, со што пресметал помал ДДВ долг и избегнал плаќање персонален данок.
На овој начин се стекнал со противправна имотна корист од 31.433.522 денари (околу 515 илјади евра), предизвикувајќи штета на државниот буџет. Дополнително, со неевидентирано отуѓување на имот придонел за оштетување на стечајната маса и доверителите, меѓу кои државни институции, банки и други правни лица.


