Граѓаните го одбраа Младинскиот центар како прв приоритет за 2026 година во Делчево

0
20

На Втората форумска сесија за креирање на буџетот за 2026 година, граѓаните активно ги избраа приоритетите кои Општина Делчево ќе се обиде да ги реализира следната година. Како најзначаен приоритет со најмногу гласови беше избрано отпочнување со работа и целосно опремување на Младинскиот центар во Делчево.
Покрај Младинскиот центар, петте најважни приоритети кои ги поддржаа граѓаните се: Поставување хидрантски систем во ООУ „Ванчо Прке“, посебен влез и излез во УМП Делчево, асфалтирање и опесочување на локални патишта и Туристичко-информативно биро.
Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека младите ќе бидат во фокусот на општината и во 2026 година.
„Сакам активни млади кои ќе бидат гласни и ќе помогнат во градењето на просперитетна, модерна и урбана општина. Сите предлози и приоритети од граѓаните ќе бидат земени предвид и нивната реализација ќе зависи од техничката изводливост и финансиските капацитети на Општината“, нагласи Гоцевски.
Со оваа сесија официјално заврши форумскиот процес за креирање на буџетот за 2026 година, чија цел беше граѓаните активно да учествуваат во донесувањето одлуки за приоритетните проекти за наредната година.