Утрово најниската температура е измерена во Берово, каде термометарите покажаа 4 степени. Струмица се разбуди на 5 степени, додека 9 степени се забележани во Скопје–Зајчев Рид, Кавадарци, Куманово, Тетово, Крушево и Маврови Анови. Во Скопје–Петровец, Крива Паланка, Гевгелија и Лазарополе се измерени 10 степени, 12 во Прилеп, 13 во Битола и Виница, а најтопло утрово е во Демир Капија, Велес и Штип со 14 степени.
Во последните 24 часа, најмногу дожд паднал во Лазарополе – 22 литри на метар квадратен. Следуваат Маврови Анови со 8 l/m², Пожаране со 7, Попова Шапка со 6, Тетово со 5, Крушево со 4, додека на Скопје–Зајчев Рид се регистрирани 2 l/m², а 1 l/m² во Скопје–Петровец и Струмица.
Денот ќе биде претежно облачен со повремени локални врнежи од дожд. Наместа се очекуваат и пообилни врнежи – над 30 l/m² за 24 часа – со можност за локално невреме, засилен јужен ветер кој може да надмине 60 km/h и ретки грмежи. Максималната температура ќе се движи од 13 до 18 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, на места пообилни. Ќе дува умерен, а во делови од котлината и засилен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.


