Од 1 до 16 ноември 2025 година, полициските службеници регистрирале вкупно 10.210 сообраќајни прекршоци низ земјава. Најчесто прекршувана е брзината – 2.983 возачи ја надминале дозволената.
За безобзирно управување со возило согласно член 297-а од Кривичниот законик лишени од слобода биле 55 лица: 37 за возење под дејство на алкохол, 11 за брзо возење во населено место, шест надвор од населено место и еден за возење во забранет правец.
Дополнително, евидентирани се 2.717 прекршоци за неправилно паркирање, 1.039 за возење без дозвола и 300 за возење под дејство на алкохол. Санкционирани се и 42 мотоциклисти без заштитен шлем, 282 пешаци, четири возачи на електрични тротинети и 546 учесници кои не користеле сигурносен појас. Од сообраќај се отстранети 252 нерегистрирани и 55 технички неисправни возила, додека 52 возачи биле санкционирани поради затемнети стакла.
Сообраќајните контроли продолжуваат, а полицијата апелира до сите учесници да ги почитуваат правилата за поголема безбедност на патиштата.


