Казни до 50 евра за граѓаните и до 1.800 евра за фирмите. Од денеска во Скопје забрана за фрлање отпад од 22 до 6 часот

0
21

Во главниот град од денеска стапува во сила одлука со која се забранува фрлање комунален отпад од 22 часот навечер до 6 часот наутро. Целта на мерката е да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите, особено од страна на правните субјекти.
Градските власти најавија дека инспекторите ќе бидат на терен и по полноќ за контрола и санкционирање на прекршителите. Во контролите ќе бидат вклучени градски инспектори и комунални редари, кои прво ќе делат опомени, а потоа ќе изрекуваат казни.
Граѓаните кои ќе ја прекршат забраната ќе бидат казнети со 50 евра, додека фирмите се соочуваат со парични казни од 1.300 до 1.800 евра, со можност за повисоки казни во зависност од видот на отпадот. Прекршоците ќе се констатираат на лице место, а во случај на веќе исфрлен отпад од поголеми размери, ќе се врши детална контрола кај правните лица.
Од ЈП „Комунална хигиена“ посочуваат дека мерката е особено насочена кон правните субјекти, кои најчесто го одлагаат отпадот непрописно во доцните часови.
Град Скопје располага со 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Одлуката за забраната ја донесе Советот на Град Скопје на седницата одржана на 14 ноември, но на неа силно се спротивставија советниците на Левица, оценувајќи ја како скандалозна.