„Марш за ангелите“ денеска во Скопје

0
55

Денеска, 15 ноември, во Скопје ќе се одржи „Марш за ангелите“ – протестен марш во спомен на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Настанот започнува во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците ќе се упатат кон парламентот, а финалето ќе биде пред Основниот кривичен суд.

Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, ова е првиот ваков марш во главниот град, по неколку недели саботни собири што родителите ги организираа во Кочани. Тие испратија порака што одекнуваше низ целата земја: „Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“. Родителите изразуваат надеж за масовно учество и нагласуваат дека нивната борба нема да престане сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца.

Организаторите упатија апел до сите граѓани да им се придружат:
Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно, да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува.