Пржената храна, но и тропските масла, како палмино, имаат заситени масти и го покачуваат холестеролот. Па, ако веќе имате висок холестерол и ги јадете често, значително си го зголемувате ризикот од проблеми со срцето, дури и инфаркт
Можеби најчестиот проблем на луѓето кај нас е високиот холестерол.
Холестеролот му е потребен на нашиот организам за лачење хормони, апсорпција на витаминот Д од храната што ја внесуваме, а има улога и во дигестијата на масти.
Во телото, холестеролот се лачи од црниот дроб, но го внесуваме и преку храна.
Постојат два вида холестерол – „добар“ и „лош“. Како што претпоставувате, проблематичен е таканаречениот лош холестерол бидејќи со текот на времето може да ги затне артериите.
Ако сте соочени со овој проблем, можеби пиете терапија, а и вашиот лекар сигурно ви рекол да внимавате на исхраната.
Па, која храна треба да ја избегнувате ако имате висок холестерол?
Црвено месо и преработени месни продукти
Црвеното месо, но и преработените месни продукти како паштети, имаат многу заситени масти.
И, со тоа можат да го покачат холестеролот.
Ако сепак сакате да јадете месо, ограничете се на најмногу 70 грама дневно, но не секој ден.
Путер
Путерот е уште една намирница со висока количина заситени масти, па избегнувајте го ако имате висок холестерол.
Немојте да готвите со путер – многу подобро ако користите сончогледово масло, секако во умерен количини.
Тропски масла
Палминото и кокосовото масло исто така имаат многу заситени масти. Иако е во ред да ги користите повремено, избегнувајте ги за готвење и слично.
Бидејќи овие масла се користат во разни преработени продукти, внимателно читајте ги етикетите за да не внесете повеќе од препорачаното.
Печива
Скоро сите печива имаат заситени масти, најчесто бидејќи за нивното приготвување со користи многу масло или путер.
Чоколадо
Иако какаото е здраво, кога е во прашање чоколадо, тогаш внесувате шеќер, како и заситени масти.
Ако сепак сакате чоколадо, јадете го што е можно поретко или барем заменете го црно.
Пржена храна
Сè што е пржено содржи многу масти и калории и го зголемува нивото на холестерол.
Дури и ако сте релативно здрава личност, препорачливо е да ја ограничите пржената храна.
Слатки и десерти
Благите јадења, очигледно, имаат многу шеќер, но и холестерол, нездрави масти, како и калории.
Претераното консумирање блага храна не создава проблеми само висок холестерол, туку и проблеми со срцето, дебелина, зголемен ризик од дијабетес…


