Македонија и Египет со заеднички студиски програми: Ќе се воведат двојни дипломи и продлабочена научна соработка

0
52

Македонија и Египет започнуваат продлабочена соработка во високото образование и науката, со можност за воведување заеднички студиски програми и двојни дипломи. Ова беше договорено на средбата во Каиро помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование Мохамед Ајман Ашур.

Двете држави ќе формираат заедничко работно тело кое ќе ги дефинира точните активности и проектите. Во фокусот ќе бидат медицината, техничките науки, компјутерското инженерство и земјоделството.
Јаневска ги претстави тековните реформи во високото образование, вклучувајќи го новиот закон, зголемениот буџет за наука и плановите за основање државен научно-технолошки парк. Египетскиот министер ја истакна динамиката на развој на нивните универзитети и најави средба меѓу ректорите на македонските и водечките египетски универзитети.

Министерката учествува на Глобалниот конгрес за население, здравство и развој во Каиро, каде ќе има и повеќе работни средби.