Турција – На Екрем Имамоглу, најголемиот ривал на претседателот Ердоган, му се заканува затворска казна од над 2400 години

0
16

Турското обвинителство поднесе обвинение со 142 точки за наводно формирање криминална организација. Партијата на Имамоглу, ЦХП, ова го смета за политички маневар со цел да се спречи популарниот политичар да се кандидира за претседател.

Според турската државна агенција Анадолу, 142-те точки од обвинението против Имамоглу можат да резултираат со потенцијална затворска казна до 2430 години.
Во речиси 4000 страници долгиот обвинителен акт, 54-годишниот Имамоглу се товари и за уцена, како и за различни корупциски дела, меѓу кои поткуп, проневера, перење пари и измама при јавни набавки.
„Ова обвинение претставува очигледен случај на мешање на правосудството во политиката“, оцени лидерот на ЦХП, Озгур Озел, на платформата X. „Овој случај не е правен, туку целосно политички.“
Лидерот на левонационалистичката ЦХП, непосредно пред објавувањето на обвинителниот акт, потврди дека партијата останува зад Имамоглу како нивен кандидат за претседателските избори во 2028 година.
Обвинителството го поднесе обвинителниот акт во вторникот (11.11) до суд во Истанбул. Сè уште не е утврден датум за судењето.