Скандал во Киев: 100 милионска корупциска шема во која е осомничен Миндич, близок соработник на Зеленски и министерот за правда Галушченко

0
66

Истрагата за корупција во државната нуклеарна компанија „Енергоатом“ прераснува во еден од најголемите политички скандали во Украина. Главен осомничен е Тимур Миндич, близок соработник на претседателот Володимир Зеленски и косопственик на неговата продукциска куќа „Квартал 95“, кој наводно ја напуштил земјата пред подигањето на обвинението.

Според Националното биро за борба против корупција (НАБУ), во аферата се вмешани и поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, сменетиот министер за правда Герман Галушченко (поранешен министер за енергетика) и Рустем Умеров, поранешен министер за одбрана и сегашен секретар на Советот за безбедност.

НАБУ подигна обвиненија против осум лица за примање мито и злоупотреба на функција. На објавените снимки групата, користејќи шифри, договара провизии од 10 до 15% од договорите со „Енергоатом“. Дел од парите наводно завршувале кај високи државни функционери.

Миндич, познат под псевдонимот „Карлсон“, и уште еден бизнисмен се во бегство, додека петмина се приведени. Обвинителството тврди дека Миндич незаконски влијаел врз Галушченко и Умеров, а преку својата мрежа организирал перење пари од канцеларија во улицата Хрушевски, каде и самиот живее.

Украинската премиерка Јулија Свириденко го суспендираше министерот за правда Герман Галушченко среде обемната истрага за корупција во енергетскиот сектор на земјата.
Ова следува откако антикорупциските агенции ја засилија истрагата за голема шема за подмитување и перење пари од 100 милиони долари, во која се вмешани високи функционери од енергетскиот сектор. Украинските власти досега обвинија седум лица за овој случај.

Галушченко, кој порано беше министер за енергетика, кажа дека целосно се согласува со одлуката за негова суспензија. Медиумите објавија дека тој имал лични придобивки од криминалната шема.
На снимките се споменуваат и исплати од 3 милиони долари во Швајцарија и 1 милион во Израел за купување недвижности. Умеров ги негира обвинувањата.

Превземено: Булевар.мк/СакамДаКажам