Торнадо што ја погоди општината Рио Бонито до Игуасу во сојузната држава Парана одзеде најмалку пет животи, а над 130 лица се повредени, соопштија локалните власти.
Цивилната заштита на Парана информира дека петте смртни случаи се потврдени, додека според првичните извештаи, 30 лица се сериозно или умерено повредени, а околу 100 се здобиле со полесни повреди.
Локалната метеоролошка служба објави дека торнадото превртело автомобили и оштетило куќи, а ветровите достигнале брзина од 180 до 250 километри на час во градот Рио Бонито до Игуасу, кој брои околу 14.000 жители.
Гувернерот на Парана, Ратињо Жуниор, на платформата X истакна дека безбедносните сили се мобилизирани и се во состојба на готовност, следејќи ги погодените градови.
Метеоролозите предупредуваат на опасни бури кои се очекуваат во целата Парана, како и во јужните држави Санта Катарина и Рио Гранде до Сул.


