Акционерите на Тесла одобрија 1 билион долари награден пакет за Елон Маск. Маск на пат да постане првиот билионер во историјата

0
68

Акционерите на „Тесла“ (Tesla Inc.) го одобрија пакетот од 1 билион/ 1.000.000.000.000 долари за Илон Маск – најголемата награда досега доделена на корпоративен лидер.

Повеќе од 75 отсто од дадените гласови биле во прилог на овој невиден план за компензација, соопшти компанијата во четвртокот на годишното собрание. Исходот го заокружува неколкунеделниот ангажман на Управниот одбор, извршниот директор и познати мали инвеститори на производителот на електрични возила.

Договорот за компензација му го отвора патот на Маск – најбогатиот човек во светот – да стане првиот билионер и да го зголеми својот удел во „Тесла“ на најмалку 25 отсто во следната деценија. За да ја добие целата сума, тој ќе мора да исполни цели што вклучуваат значително зголемување на пазарната вредност на „Тесла“, заживување на нејзиниот ослабен бизнис со автомобили и развој на проектите за роботакси и роботите „Оптимус“.

„Ова не е само ново поглавје за ‘Тесла’ туку целосно нова книга“, изјави Маск на состанокот со акционерите, облечен во црна јакна со логото на „Тесла“, додека се движеше по сцената пред насобраната публика што го поздравуваше со аплауз. „А таа нова книга значи огромно зголемување на производството на возила и забрзување на производството на ‘Оптимус’ побрзо од сè што некогаш било постигнато во човечката историја.“

Гласањето за компензацијата беше клучно за „Тесла“, откако Маск порача дека би можел да се повлече или да посвети повеќе време на своите други компании доколку не добие поголема контрола врз производителот на автомобили. Сега, најверојатно ќе остане на чело на „Тесла“, додека компанијата ја реализира својата амбициозна агенда заснована на автономни возила и вештачка интелигенција.

Превземено: Блумбергадрија