Словенечката европратеничка Ирена Јовева, која има македонско потекло, во изјава за МИА оцени дека Северна Македонија неоправдано се изедначува со Србија и Босна и Херцеговина во оценките за напредокот на европскиот пат.
„Црна Гора и Албанија, особено Црна Гора, се најнапред во реформите. Но не е фер Северна Македонија да изгледа како да е во истиот кош со Србија и БиХ, ако знаеме што се случува таму“, рече Јовева, членка на либералната група „Renew Europe“.
Таа нагласи дека земјава сепак има постигнато конкретен напредок, што јасно се гледа во извештајот на Европската комисија.
„Оценката е премногу општа. Северна Македонија не напредувала колку Црна Гора, но заслужува да се каже јавно дека има значаен напредок“, посочи европратеничката.
Јовева одби тврдења дека ЕУ не сака да ја прими Македонија и ги користи бугарските условувања како изговор.
„Како некој што има увид во процесите, не се согласувам со таквите оценки. Моментумот е тука, реалноста е дека Северна Македонија оди напред“, истакна таа, додавајќи дека спорот со Бугарија е билатерален и така е нотирано и од ЕП и од Европската комисија.
„Не е фер ниту Македонија да се изедначува со Србија, ниту регионалните околности да се користат за политички поени. Северна Македонија заслужува место во ЕУ и таму и ќе стигне – со продолжување на реформите“, порача Јовева.


