Во македонското Собрание, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, го претстави годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграција.
Во документот, меѓу другото, се нотира дека земјата сè уште не ги усвоила уставните амандмани со кои треба да се вклучат во Уставот граѓаните што не припаѓаат на мнозинството, како што се Бугарите – обврска што Македонија претходно ја презеде.
Европската комисија повторно нагласува дека е потребно „со добра волја од сите страни“ да се спроведуваат билатералните договори, вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.
Во извештајот се укажува и дека земјата треба да ги засили напорите во владеењето на правото, да ја заштити независноста на судството и поефикасно да се бори против корупцијата. Во оваа област, се наведува, е постигнат само „ограничен напредок“.
Сепак, Европската комисија забележува дека Македонија направила значителен напредок во спроведувањето на реформите предвидени со Реформската агенда, што се потврдува и со исплатата на две транши финансиски средства во рамките на Планот за раст на Западен Балкан.
Како позитивен развој се издвојува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како и подобрувањето на плурализмот, слободата на медиумите и изразувањето.
Европската комисија исто така ја поздравува целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и нејзиното приклучување кон Конвенцијата за заеднички транзит, со цел забрзување на движењето на стоките преку границите.
Овој извештај е дел од пакетот документи за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ за 2025 година, кој еврокомесарката за проширување, Марта Кос, го претстави пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Врз основа на овие извештаи, Комитетот ќе подготви соодветни резолуции за секоја земја кандидат.


