Најмалку седум лица загинаа, а двајца се водат како исчезнати во тешка авионска несреќа во американската сојузна држава Кентаки, кога товарен авион на компанијата „UPS“ се урна во индустриска зона кај градот Луисвил.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, изјави дека бројот на жртви може да се зголеми, бидејќи спасувачките екипи сè уште пребаруваат низ урнатините. „Ситуацијата е сериозна. Тимовите за итни интервенции се на терен и прават сè што можат за да го ограничат пожарот и да ги пронајдат исчезнатите“, рече Бешир.
Според Федералната управа за авијација (ФАА), авионот „McDonnell Douglas MD-11“ полетал од аеродромот „Мухамед Али“ во Луисвил околу 17:15 часот по локално време, но само неколку минути подоцна се урнал и избувнал голем пожар.
Видеоснимка која кружи на социјалните мрежи го прикажува моментот кога авионот паѓа и се претвора во огромен оган, оставајќи зад себе ѕид од пламен и густ чад над индустриската зона.
Компанијата „UPS“ потврди дека во авионот имало тројца членови на екипажот и дека поради трагедијата се прекинуваат ноќните операции за сортирање пратки во нивниот најголем логистички центар „Ворлдпорт“.
Авионот бил на пат кон Хонолулу, Хаваи, а причините за падот засега не се познати. Дел од областа е ставена под наредба за засолнување, а аеродромот во Луисвил е привремено затворен.



