Спортот завиен во црно: Почина тренерот на Раднички, Младен Жижовиќ, на кого му се слоши за време на натпреварот во Лучани

0
6

Предвремената смрт на Младен Жижовиќ го зави во црно фудбалот на овие простори. На 44-годишниот тренер му се слошило за време на натпреварот од Суперлигата меѓу Младост и Раднички 1923 на стадионот во Лучани – ненадејно се срушил, а само дваесетина минути подоцна стигнала најлошата можна вест. Кога судијата ја прекинал средбата, играчите во шок паднале на тревникот, почнале да плачат и да се фаќаат за главата, а на стадионот завладеал целосен шок.
Апсолутно ништо не навестувало трагедија — се појавила и снимка од загревањето на која се гледа Жижовиќ како им дава последни насоки на своите играчи и разговара со помошниците пред почетокот на натпреварот.
За жал, неполн час подоцна се случило најлошото, а настанот од прва рака го видел и познатиот српски тренер Ненад Лалатовиќ, кој го води тимот на Младост од Лучани:
„Само слушнав нешто како да падна, како да пукна. Притрчав, се бореше за живот, испушташе некакви чудни звуци. Колку што слушнав, претходно имал проблеми со срцето. Ова е голем шок, трагедија за семејството… Бев во шок, се наежив“, раскажа Лалатовиќ.
„Луѓе, најважно е здравјето, ние само се нервираме и стресираме, дајте, да се чуваме! Повторувам, беше навистина потресно, го видов со левото око како паѓа, веднаш знаев… Имаше проблеми со срцето. Голема загуба за фудбалот, за семејството, за децата. Поважни се животите“, заклучи тој.
Младен Жижовиќ во периодот 2023/2024 беше тренер на ФК Шкупи.