Љубиша Марковиќ – Френки, легендарниот хармоникаш на групата „Слатки грех“, почина вчера, на 3 ноември, во 77-годишна возраст. Денеска, на 4 ноември, тој ќе биде испратен на вечен почин на Градските гробишта во Нови Сад.
Музичарот, кој беше дел од една од најпознатите југословенски музички групи, го испраќаат неговите најблиски – семејството и пријателите. Во капелата се наоѓа ковчегот со телото на Френки, а покрај него е поставена умреница на која, како ожалостени, е наведено само „семејството“.
Френки починал по долга и тешка борба со опака болест, во приватна болница каде што долго време се лекувал. Неговите пријатели откриваат дека со болеста се борел повеќе од една година.
– Почнавме заедно уште во 1979 година, кога дојде во „Слатки грех“. Претходно свиреше во неколку новосадски бендови, а потоа ни се придружи. Свиреше сè – кларинет, труба, хармоника – и имаше извонреден глас. Беше вистински шоумен. Никогаш не пиеше алкохол, внимаваше на исхраната, а со години играше фудбал со друштвото. Единствено што многу пушеше, пиеше газирани пијалаци и многу кафе со шеќер – раскажа неговиот пријател Зоки за „Курир“.
Тој додаде дека за болеста дознале сосема случајно, при едно дружење пред нешто повеќе од една година.
– Минатото лето бевме кај Жика, кој нè покани на скара. Френки живееше со помладиот син, откако му почина сопругата. Цело време носеше очила, а кога ги симна, видовме дека едното око му е спуштено, а и дел од усните му беа неподвижни. Помисливме дека имал шлог. Од тој момент почна неговата борба за живот – раскажа Зоки.
Подоцна дознале дека Френки боледува од рак на плунковните жлезди, болест што, и покрај терапиите, брзо напредувала.



