Уапсен поранешниот репрезентативец Владимир Штимац пред зградата на РТС во Белград

0
6

Поранешниот кошаркар на српската репрезентација, Владимир Штимац, бил уапсен во текот на ноќта пред зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград, под сомнение за нарушување на јавниот ред и мир, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

На снимките што кружат на социјалните мрежи се гледа моментот кога неколку полициски службеници го опкружуваат и го приведуваат Штимац, иако, според очевидци, тој не пружал отпор. Во позадина се слушаат повици на присутните: „Владо, сите сме со тебе!“, додека една жена прашува полицајци: „Што му правите?“
Според официјалното соопштение на МУП, вкупно 37 лица биле уапсени за време на собирите во Белград, пред Народното собрание и зградата на РТС, под сомнение дека учествувале во нарушување на јавниот ред и мир.

Дел од српските медиуми јавуваат дека Штимац бил приведен по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, под сомнение дека „поттикнувал насилство со цел насилно менување на уставниот поредок“.
Инцидентот се случува во период на зголемени тензии во Белград, каде последниве денови се одржуваат протести во поддршка на Дијана Хрка, мајката на еден од загинатите во трагедијата со падот на надстрешницата во Нови Сад.