Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според резултатите од двата круга на локалните избори, ќе раководи со Градот Скопје и уште 53 општини низ државата.
Втора по број на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет општини, додека коалицијата на СДСМ ќе има осум градоначалници. НАИ освои пет општини, а Движење ЗНАМ, Демократската партија на Турците и Унијата на Ромите по еден градоначалник. Дополнително, две општини ќе ги водат независни кандидати.
Во вториот круг, кој се одржа вчера, се избираа градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, додека на 19 октомври во првиот круг беа избрани 44 градоначалници.
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, не се одржа гласање поради недоволен одѕив во првиот круг. Во овие општини ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.
Ова се осми по ред Локални избори во земјата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури.



