Сината џамија од 15 век во Мазар-е-Шариф утрово во прав и солзи. Земјата под неа се стресе синоќа околу 20:30 часот, кога силен земјотрес го разниша северниот дел на Авганистан и ги уништи десетици домови.
Министерството за здравство на Авганистан соопшти дека загинале најмалку 20 лица, а 320 се повредени, јави агенцијата Ројтерс.
Според портпаролот на Министерството, Шафарат Заман, повеќето жртви се од провинциите Балк и Саманган, каде потресот бил најсилно почувствуван. Тој изјави дека бројките се привремени и дека спасувачките екипи сè уште работат на терен.
Земјотресот, според Американскиот геолошки институт, се случил на длабочина од 28 километри, во близина на градот Мазар-е-Шариф. Се почувствувал дури до Кабул, а локалните жители сведочат дека луѓето панично бегале од домовите додека ѕидовите паѓале околу нив.
Авганистан често страда од земјотреси, особено во регионот на планинскиот венец Хиндукуш, каде се спојуваат евроазиската и индиската тектонска плоча. Во последната деценија земјата изгуби илјадници животи во слични катастрофи, а хуманитарните организации повторно предупредуваат дека сиромаштијата и нестабилната инфраструктура ја зголемуваат опасноста за цивилите.
Превземено: Плусинфо



