Православните верници денеска ја одбележуваат Митровденската задушница, ден посветен на молитва и спомен за сите починати.
Задушницата, според црковната традиција, секогаш паѓа во сабота – ден кој Православната црква го определила за молитва и помен на упокоените. Верниците денес одат во црквите каде што се служи литургија и парастос, а потоа ги посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица, лепче и вино го изразуваат споменот и љубовта кон своите најблиски кои починале. Вообичаено, на овој ден се дава и милостина на сиромашните.
Митровденската задушница секогаш се одбележува во саботата пред празникот Св. Димитриј – Митровден (8 ноември). Овој помен е востановен во XIV век и потекнува од Русија, од каде што подоцна бил прифатен и во другите православни земји.
Денес, Митровденската задушница е дел од вселенските родителски саботи и се смета за еден од најзначајните денови во годината посветени на сеќавањето на покојниците.



