Стрес на работа? Еве 6 начини да го победите

0
47

Работата игра значајна улога во нашиот живот ни дава чувство на вредност, исполнетост и самопочит. Но, стресните ситуации на работа се секојдневие за секого, во поголема или помала мера. Сепак, не реагираме сите еднакво.

Ако некој го доживува стресот како мотиватор кој го поттикнува да се труди и напредува, тогаш зборуваме за позитивен стрес. Но, кога изложеноста на стрес е постојана и ги нарушува здравјето, меѓучовечките односи и квалитетот на живот зборуваме за токсичен стрес. Хроничното натрупување на стрес доведува до состојба на „burnout“ на работа.

Често, луѓето не чувствуваат дека „горат“, па дури ги игнорираат предупредувањата од блиските особено на почетокот од кариерата. Сакаат да се докажат, да блеснат, да бидат забележани… и во таа долготрајна трка, се губат себеси.

Најчести причини за стрес

Главните причини за стрес произлегуваат од самата работна улога. Вработен чија работна позиција не е јасно дефинирана, или тој сам не ја разбрал доволно, може да се најде под силен притисок. Ситуацијата дополнително се влошува доколку извршува задачи што се меѓусебно контрадикторни што создава внатрешна тензија.

Кратките рокови, преголеми обврски кои ги надминуваат капацитетите на поединецот, и постојана потреба за прекувремена работа резултираат со хроничен замор и зголемен стрес.

Конфликтите на работното место се една од водечките причини за стрес: чести расправии, нетрпеливост, натпревар помеѓу колеги или токсичен шеф можат да предизвикаат фрустрација и незадоволство што се прелеваат и во приватниот живот.

Други фактори што го засилуваат стресот се:

– бесмислени задачи,
– брзо темпо на работа,
– немање можност за учество во донесување одлуки,
– недостиг на контрола врз работните процеси,
– несигурност на работното место,
– конфузни или конфликтни улоги,
– неадекватен надзор,
– недостиг на можности за напредување или неправеден систем на наградување.

Доколку овие состојби траат подолг временски период, може сериозно да влијаат на нашето здравје.

Илустрација: Чашата со вода

Замислете дека држите чаша вода. Колку е тешка? Не е важно. Се зависи од тоа колку долго ја држите. Ако ја држите една минута не е проблем. Ако ја држите еден час ќе ве заболат рацете. Ако ја држите цел ден ќе ви отрне и ќе ве парализира.

Истото важи и за стресот. Краткорочен, ништо страшно. Малку подолг, почнува да боли. Долгорочен, ве парализира. Затоа, важно е да „ја пуштаме чашата“ да се ослободиме од стресот, барем повремено.

Симптоми на стрес

– незадоволство од работата
– напнатост
– анксиозност
– раздразливост
– пад на концентрација
– проблеми со спиење
– безволност и демотивација
– физички симптоми: исцрпеност, губење или зголемување на апетит, забрзано чукање на срцето, мускулна напнатост, мачнини и мигрени

6 ЧЕКОРИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СТРЕСОТ НА РАБОТА

1. Баланс помеѓу работниот и приватниот живот

Понекогаш е тешко да се направи разлика, особено ако работите прекувремено или ја носите работата дома. Клучот е во балансот. Научете да кажете „НЕ“. Добра организација на денот, посветеност за време на работното време, и почитување на слободното време се клучни за справување со стресот.

2. Грижете се за себе

Редовна физичка активност, доволно сон, дружење со пријатели. По работното време, посветете се на себе или на семејството. Оставете ја работата зад себе. Правете нешто што ве исполнува читање, серија, градинарство… Ако сте физички здрави, полесно ќе се справувате и ментално.

3. Идентификувајте што ви пречи

Дали се тоа колегите? Шефот? Задачите? Запишете ги проблемите и можните решенија. Ако сте сториле сѐ што било до вас, ослободете се од грижите и пуштете ги работите да се одвиваат.

4. Ценете ги малите нешта

Некој ви донел вода? Ви завршил некоја задача? Забележете го тоа. Запишете ги убавите нешта што ви се случиле на работа. Ќе сфатите дека работното место не е толку лошо и ќе го промените фокусот кон позитивното.

5. Поминувајте време со пријатни колеги

Не можеме да ги бираме колегите или шефовите, но можеме да избереме со кого ќе ја поминеме паузата. Изберете луѓе со кои се чувствувате добро, кои ве разбираат и ве насмејуваат.

6. Потсетете се зошто ја работите оваа работа

Сигурно постои причина зошто сте го одбрале токму овој бизнис. Што е тоа што особено ви се допаѓа? Можеби му помагате на некого? Ви се допаѓа динамиката? Колективот? Платата? Поголемиот дел од луѓето се позадоволни ако знаат дека нивната работа има смисла и корист.