Продажба на „Лукоил“: 40 бензински пумпи во Македонија на продажба

0
50

Руската енергетска компанија „Лукоил“ ја прифати понудата на глобалниот трговец со стоки „Ганвор“ (Gunvor) за купување на нејзиниот странски имот, во кој спаѓаат и 40 бензински пумпи и еден нафтен склад во Македонија.
Од компанијата соопштија дека продажбата е дел од планот за целосно повлекување од странските пазари, поради санкциите што САД и западните земји ги воведоа кон руската нафта.
„Клучните услови на трансакцијата се веќе договорени. ‘Лукоил’ ја прифати понудата и се обврза да не преговара со други потенцијални купувачи“, соопштија од компанијата.
Од „Ганвор“ потврдија дека се во активни преговори за преземање на целиот странски имот на „Лукоил“.
Оваа продажба се оценува како една од најзначајните корпоративни трансакции на руска компанија по воведувањето на западните санкции заради војната во Украина.
„Ганвор“ е меѓународна компанија основана од шведски бизнисмен и руски милијардер, но според достапните информации, рускиот сопственички удел е веќе продаден.
„Продажбата на ’Лукоил’ се должи на рестриктивните мерки што некои држави ги воведоа против компанијата и нејзините подружници“, велат од компанијата.
Во Македонија, „Лукоил“ има повеќе од 500 вработени, а се очекува до 21 ноември компанијата целосно да ја заврши трансакцијата и да се повлече од пазарот.
Според енергетските експерти, Македонија нема да биде значително погодена од оваа продажба, бидејќи околу 80% од домашните потреби за нафта и деривати се покриваат преку увоз од Грција.