По четири години истрага – обвинение за газда поради несреќата во која загина работникот Петар Мицев

0
6

После четири години истрага, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против сопственик на фирма од Неготино за тешки дела против општата сигурност, поради несреќата што се случи на 21 јули 2021 година во сепарација на реката Вардар, во која животот го загуби работникот Петар Мицев, а друг негов колега се здоби со повреди.
Од обвинителството соопштија дека управителот и правното лице не постапувале според прописите и мерките за заштита при работа, со што ги прекршиле Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа.
Според обвинението, сопственикот го ангажирал Мицев без склучен договор за вработување, без да провери дали ги исполнува условите за работа и без да му овозможи безбедни услови за извршување на задачите. Иако немал соодветна возачка дозвола, му било дозволено да управува со тешко товарно возило – камион во сопственост на фирмата.
Несреќата се случила при превоз на песок од реката Вардар до сепарацијата кај местото викано „Пумпите“. Камионот излетал од тесен насип од чакал и паднал во реката. Совозачот успеал да се спаси, но возачот Петар Мицев останал заробен под возилото и починал на лице место.
Во текот на истрагата, јавниот обвинител обезбедил докази и против вработен во АД „Водостопанство на РСМ“ – Подружница Тиквеш-Кавадарци, кој во својство на службено лице со свој потпис заверил повеќе испратници со невистинита содржина. Тој се товари за фалсификување службена исправа, потврдија од обвинителството.