Повеќе од 300 полициски службеници од Босна и Херцеговина и Република Хрватска учествуваат во голема координирана акција под кодно име „Исток СВОТ“, насочена кон сузбивање на организиран криминал меѓу мигрантите во пограничниот појас.
Акцијата ја предводат полициските агенции на БиХ со поддршка на хрватското МВР, а главен фокус се подрачјата околу Велика Кладуша, Градина, Грљевац, Збориште и Стабанџа.Според обвинителството на Унско-санскиот кантон, целта е разбивање на криминални групи од Авганистан, кои последните две години вршеле изнуди и киднапирања на мигранти што се обидувале нелегално да ја преминат границата.
Во акцијата е уапсен и 31-годишен државјанин на Авганистан, баран од повеќе држави поради тешко убиство и недозволено поседување експлозив.
Операцијата се спроведува под надзор на Тужителството на БиХ и Кантоналното тужителство на Унско-санскиот кантон, со поддршка од Европол и проектот EU4FAST.
Полицијата најави дека повеќе информации ќе бидат објавени во текот на денот.



