Потрагата по исчезнатите во седумкатната зграда што се урна во истанбулската населба Гебзе заврши со трагичен епилог. Спасувачките екипи ноќеска ги пронајдоа телата на 44-годишниот Левент Билир и неговата сопруга Емине (37), со што потрагата заврши по 19 часа непрекината работа, јави Си-ен-ен Турк.
Претходно, под урнатините беа пронајдени телата на нивните две најмлади деца – 12-годишниот Емир и 14-годишната Хајруниса, додека нивната 18-годишна ќерка Дилара беше спасена жива.
Во спасувачката акција учествуваа 913 лица со 161 возило, шест кучиња трагачи и десет специјални машини. Поради ризик од дополнителни оштетувања, властите евакуираа уште 12 соседни згради во кои живееле 45 семејства.
Безбедносните камери го снимиле моментот на уривање: зградата прво се навалува, а потоа за неколку секунди целосно се распаѓа, кршејќи автомобили и оставајќи зад себе густ облак од прав. Минувачите, кои се најдоа во близина, едвај успеале да се спасат.
Турските власти најавија истрага за причините за колапсот на зградата.


