Во недела, 2 ноември, граѓаните од пет општини во источниот дел на земјата – Пробиштип, Кочани, Виница, Македонска Каменица и Чешиново-Облешево – повторно ќе излезат на гласање за да ги изберат своите градоначалници во вториот круг од Локалните избори 2025.
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола денес започнува дистрибуцијата на повеќе од еден милион гласачки ливчиња, а според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), гласањето ќе се одвива во вкупно 32 општини и во Град Скопје.
Во сабота ќе гласаат болните и изнемоштените лица, како и затворениците и оние во домашен притвор со прифатени пријави од општинските изборни комисии.
Во источниот регион, најголем интерес се очекува во следните општини:
Кочани: 32.503 гласачи ќе избираат помеѓу Влатко Грозданов (поддржан од ВМРО-ДПМНЕ) и Венко Крстевски (Група избирачи).
Виница: 17.060 избирачи ќе одлучуваат меѓу Гоце Милевски (СДСМ) и Митко Костадиновски (Коалиција „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ).
Пробиштип: 12.251 гласач ќе избираат меѓу Драган Атанасов (СДСМ) и Тони Тоневски (ВМРО-ДПМНЕ).
Македонска Каменица: 6.650 гласачи ќе гласаат за Соња Стаменкова (СДСМ) или Димчо Атанасоски (ВМРО-ДПМНЕ).
Чешиново-Облешево: 5.068 гласачи ќе ја даваат довербата на Горанчо Крстев (СДСМ) или Јорданче Костадинов (ВМРО-ДПМНЕ).
Според податоците на ДИК, процесот ќе го следат 1.569 набљудувачи – 904 домашни и 651 меѓународни – а за известување се акредитирани и 14 странски новинари.
ДИК апелира гласачите да излезат на гласање и да го остварат своето право на демократски избор во фер и мирна атмосфера.


