Ураганот Мелиса пустоши сè пред себе – ветрови до 295 км/ч. Куба следна на удар на најмоќниот ураган во сезоната

0
10

Ураганот Мелиса, бура од категорија 5, вчера ја погоди Јамајка, предизвикувајќи вистински хаос – поројни дождови, разорни ветрови и масовни поплави кои ги уништија домовите и ја прекинаа струјата на повеќе од половина милион домаќинства. Владата прогласи вонредна состојба и го означи островот како зона на катастрофа.

Премиерот Ендру Холнес изјави за CNN дека засега нема потврдени информации за жртви, но дека е „реално да се стравува од најлошото“ поради обемот на уништувањето.

Според Националниот центар за урагани на САД (НХЦ), Мелиса моментално се движи кон југоисточниот брег на Куба како бура од категорија 4, со ветрови до 215 километри на час.

Во Куба, властите евакуирале над 735.000 луѓе, а претседателот Мигел Дијаз-Канел предупреди дека „ќе биде долга и тешка ноќ за целиот остров“. НХЦ најавува поплави опасни по живот, лизгања на земјиште и бранови високи до четири метри.

На Јамајка, најтешко погоден е југозападниот дел, особено парохијата Сент Елизабета, која е речиси целосно под вода.

Патиштата, мостовите и далноводите се уништени, а болниците и училиштата претрпеа големи штети. Над 15.000 луѓе побараа засолниште во центри за итни случаи, додека војската се приклучи на спасувачките операции.

Обединетите нации најавија испорака на помош по море и воздух веднаш штом временските услови дозволат.

Метеоролозите предупредуваат дека дождовите и силните ветрови би можеле да продолжат и следните денови, дури и откако Мелиса ќе го напушти островот.

Експертите потсетуваат дека глобалното затоплување ја зголемува фреквенцијата и силата на ваквите тропски бури. Сезоната на урагани во Атлантикот трае од 1 јуни до 30 ноември.