Едно дете загина, а седум малолетници и еден возрасен се повредени во тешка сообраќајна несреќа што утрово околу 3:30 часот се случила на автопатот Нови Сад – Белград, по наплатната рампа во правец кон Белград.
Според првичните информации, комбе излетало од коловозот, ја пробило заштитната ограда и паднало во канал покрај патот. На местото на несреќата веднаш биле испратени три екипи на итната помош кои интервенирале со највисоко ниво на итност.
Од здобиените повреди на самото место починало едно дете родено во 2009 година. Уште седум деца, на возраст меѓу 13 и 16 години, биле сериозно повредени и пренесени во Детската болница во Нови Сад.
Во комбето патувале осум млади џудисти, членови на клубот „Партизан“ од Белград, кои се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан.
Возачот на возилото, С.С. (1982), е примен во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Војводина со повеќекратни трауматски повреди и се наоѓа под лекарско набљудување. Алкотестот покажал дека не бил под дејство на алкохол.
Според надлежните, причините за несреќата се уште се испитуваат.


