Американските санкции против руската нафтена компанија „Лукоил“ отворија прашања за иднината на нејзините подружници, вклучително и во Македонија. Иако „Лукоил Македонија“ не е директно опфатена со мерките, можно е да влезе во процес на продажба, соопштија од седиштето на компанијата.
„Лукоил“ има околу 40 бензински станици и нафтен склад во Штип. Од Македонско-руската стопанска комора предупредуваат дека евентуално повлекување би оставило без работа околу 550 лица и би го погодило буџетот, во кој досега компанијата уплатила над 850 милиони евра.
Во соседна Бугарија до 21 ноември треба да се реши иднината на „Лукоил Нефтехим“, а во Македонија засега нема најавени промени.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, уверува дека санкциите нема да предизвикаат ценовен шок. „Има други производители кои можат да ги надоместат количините на нафта. Не очекуваме посериозен ефект врз инфлацијата, која до крајот на годината нема да надмине 4%“, изјави тој.


