Берово со -3 степени утрово беше најстуденото место во Македонија. Минусни температури имаше и во Лазарополе, каде беа измерени -1 степен. Нула степени беше во Скопје, Тетово, Битола, Демир Капија и Струмица.
Охрид со пет степени беше најтопол град утрово.
Нajмногу дожд во изминатите 24 часа наврна во Скопје и Попова Шапка (3 литри на м2), додека во Крива Паланка и Претор наврнаа 2 литри на метар квадратен.
Под влијание на антициклон – поле со висок воздушен притисок што ќе се задржи над поголем дел од Европа и Балканот – до крајот на месецот, како и во првите денови од ноември, во Македонија ќе преовладува стабилно, суво и сончево време. Повремено е можно појава на мала до умерена локална облачност, но без значајни врнежи.
Ветерот ќе биде слаб и претежно тивок. Наутро и во претпладневните часови по котлините и речните долини ќе се создаваат услови за магла и ниска облачност.
Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.
Температурите наутро на повеќе места ќе се спуштаат околу или под нулата, што ќе предизвика појава на мраз и слана. Во текот на денот, ќе биде потопло — дневните температури ќе се движат меѓу 16 и 21 степен.



