На граничните премини Блаце, Табановце, Богородица и Ново Село, царинските службеници и мобилните тимови запленија речиси 3.000 парчиња разна стока, меѓу која облека со заштитени трговски марки, алкохолни пијалоци, електронски цигари и автоделови. Стоката била пронајдена во возила, автобуси и товарни моторни возила, а против сторителите се водат посебни постапки.
Граничен премин Блаце:
Запленети се над 700 парчиња стока, меѓу кои играчки, парфеми, козметика и мебел. Во еден случај, 600 парчиња играчки биле скриени во фабрички шуплини на комбе управувано од македонски државјанин. Во друг случај, 143 парчиња парфеми и козметика биле пронајдени под патосниците и во багажникот на автомобил, исто така управуван од македонски државјанин. Исто така, во товарно возило пријавено како празно биле откриени три парчиња гарнитури мебел.
Граничен премин Табановце:
Во три одделни случаи, царинските инспектори запленија 26 шишиња алкохол со проценета вредност од околу 30.000 денари, над 200 парчиња електронски цигари и уред за авто-дијагностика. Дополнително, мобилен тим спречи обид за шверц на осум сета воздушни и водни пумпи со соларен панел.
Алкохолот бил пронајден во автомобил со германски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, кој не ја пријавил стоката за да избегне царински давачки од околу 7.000 денари.
Електронските цигари биле откриени во две торби на патник со автобус на релација Брисел – Скопје.
Уредот за авто-дијагностика бил откриен во автомобил со привремени германски таблички, управуван од македонски државјанин.
Мобилниот тим откри осум сета водни и воздушни пумпи со соларен панел при контрола на товарно моторно возило.
Граничен премин Богородица:
При контрола на транзитна стока, мобилни тимови запленија 1.200 парчиња безжични контролери за Sony PlayStation и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки, поради сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост.
Граничен премин Ново Село:
Царината заплени автоделови пронајдени во автомобил управуван од македонски државјанин.



