Албанија се соочува со значително зголемување на респираторните инфекции, а појавата на австралискиот грип ги загрижува здравствените власти. Според податоците од Институтот за јавно здравје, неделно се пријавуваат околу 12.000 нови случаи.
Како што изјави Артан Симаку од Институтот, најчестите симптоми се висока температура, кашлица, бронхитис и воспаление на средното уво (отитис).
Симаку нагласи дека австралискиот грип годинава пристигнал порано, слично како и во Италија и другите европски земји, каде што циркулираат вирусите AH1N1 и AH3N2.
Тој потсети дека има достапни вакцини против овие вируси и апелираше граѓаните, особено родителите на деца под 5 години, да ја искористат можноста за вакцинација за да се спречат компликации и потешки текови на болеста.


