Лекарската комора наложи обука и испит за продолжување на лиценцата на д-р Кузмановски

0
22

Д-р Игор Кузмановски, поранешниот директор на Клиниката за неврологија, кој беше разрешен по објавата на видео на социјалните мрежи во кое се гледа како меша бела прашкаста материја, ќе може да ја продолжи својата лиценца за работа доколку заврши тримесечна специјализирана обука под надзор на ментор и положи испит, одлучи Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора.

Во соопштението од Комората се наведува дека по завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за проверка на стручните знаења и способности. Оттаму истакнуваат дека, бидејќи не постои судска пресуда или друг правен акт за одбивање на лиценцата, Комората ги користи законските можности за засилен механизам на контрола и едукација.

Паралелно, се спроведува и постапка за етичко однесување на докторот. Комората јавно го осуди неговото однесување како нарушување на етичките принципи и угледот на лекарската професија. Конечната одлука ќе биде донесена по анализа на извештаите од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои ќе обезбедат поширок увид во професионалните и стручните способности на д-р Кузмановски.