На социјалните мрежи се појави ново видео од спектакуларниот грабеж во музејот Лувр во Париз, каде што беа украдени кралски скапоцености вредни 88 милиони евра.
На снимката се гледаат двајца мажи облечени во црно – еден со жолт рефлектирачки елек како од обезбедување, а другиот со мотоциклистичка кацига. Смирено се спуштаат со надворешен товарен лифт од прочуената галерија „Аполон“, носејќи го пленот – накит од француските кралски колекции.
Се верува дека видеото е снимено од прозорец во самиот музеј, со поглед кон кејот Франсоа Митеран, каде што бил паркиран украден камион со скали долги 30 метри, со кои крадците влегле во зградата.
Во позадина се слуша радиоврска:
„Побегнуваат на скутери, заминуваат!“
Неколку секунди подоцна, на кадарот се гледаат истите двајца мажи како со голема брзина исчезнуваат низ улиците на Париз, додека се слуша глас што извикнува:
„Проклетство, еве ја полицијата!“
Истрагата покажала дека целиот грабеж траел само седум минути. Двајца од четворицата членови на бандата упаднале во музејот веднаш по отворањето, околу 9:30 часот, и со сечила за метал ги отвориле стаклените витрини. Украдени биле осум уникатни парчиња накит, меѓу кои смарагдниот ѓердан што Наполеон I ѝ го подарил на својата сопруга Марија Луиза и тијарата на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.
Министерот за внатрешни работи Лоран Њуњес потврди дека во потрагата по сторителите се вклучени повеќе од 100 истражители, а директорката на Лувр, Лоренс де Кар, пред Сенатот признала „страшен пропуст“ – делови од надворешните ѕидови имале „срамно мала покриеност“ со безбедносни камери, што на крадците им овозможило речиси совршено бегство.



