Кинеските државни нафтени компании, вклучувајќи ги Петро-Чајна, Синопек, СНООК и Женхуа Оил, привремено престанаа да купуваат нафта што се испорачува по морски пат од Русија. Одлуката, според извори запознаени со состојбата, е донесена поради стравувања од вторични санкции по новите американски мерки насочени кон руските нафтени гиганти Роснефт и Лукоил.
Одлуката на Пекинг доаѓа во време кога и Индија, еден од најголемите купувачи на руска сурова нафта испорачувана со танкери, најавува ограничување на увозот од Москва. Голем дел од кинескиот морски увоз на руска нафта се врши преку приватни независни рафинерии, но државните компании учествуваат со значителен обем – меѓу 250 и 500 илјади барели дневно.
Суспензијата не се однесува на испораките преку цевководите, особено не на нафтоводот кој ги поврзува руските полиња во Сибир со Кина, каде што снабдувањето засега останува стабилно.
Превземено: Плусинфо



