Македонија ја очекува вистински „временски ролеркостер“ – топло, ветровито и дождливо време под влијание на силен циклон кој се движи западно и северозападно од земјава.
Силното јужно и југозападно струење ќе донесе невообичаено топол воздух, па температурите и во наредните денови ќе бидат над просекот за овој период од годината. Но, убавото време ќе има бурен крај – од понеделник и вторник (27 и 28 октомври) се очекуваат пообилни врнежи од дожд, локално проследени со грмежи.
Ќе дува засилен, повремено силен јужен и југозападен ветер со удари и до 70 километри на час. Слични услови ќе владеат и во Скопје и околината, со силен ветер и повеќе врнежи во првиот дел од неделата.
Од вторник следува драстична промена – со продор на студен воздух од север, дождот на планините ќе премине во снег, а температурите ќе се спуштат за повеќе од 10 степени.


