Обвинителството, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 12 осомничени лица за кои постои основано сомневање дека деветмина од нив како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека тројца се осомничени за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
„Деветмината осомничени од почетокот на 2022 година до денес се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или недвижен имот. Тие, искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица, им позајмувале пари со пресметување камата од 5 или 15 отсто месечно, плус зголемена за секое задоцнување“, информира Јавното обвинителство и додадоа дека од оштетените барале да им ги вратат позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога оштетените не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените.
Паричните средства што во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што ваквата несразмерна имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови.
„Така, постои основано сомневање дека во истиот период, дванаесетмината осомничени и едно осомничено правно лице, како организирана криминална група за перење на пари, се стекнале со противправна имотна корист од 125 милиона денари прибавена со кривичното дело Лихварство,“ наведува Обвинителството.
Превземено: Прваскопска



