Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска се одржа координативен состанок со претставници од сите надлежни институции и организации, посветен на подготовките и координацијата за претстојниот зимски период.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, и заменик директорот, Трајче Јовановски, ја истакнаа важноста на навремената комуникација и заедничкото делување на сите субјекти во Системот за управување со кризи.
На состанокот се разгледаа моменталната состојба на теренот, временските прогнози, состојбата на патиштата, можните појави на свлечишта и одрони, како и нивото на водостоите на реките и другите ризични точки. Посебно внимание беше посветено и на активностите на Црвениот крст за згрижување и помош на загрозени лица и бездомници.
Од ЦУК соопштуваат дека целта на состанокот е зајакнување на координацијата и размената на информации меѓу институциите за навремено реагирање при можни ризици во зимскиот период. Акцент беше ставен на навремено известување, користење на бројот 112 за итни случаи и размена на оперативни планови.
Центарот ќе продолжи со редовно следење на состојбите и координација со сите надлежни субјекти, со цел навремена и ефикасна реакција во текот на зимата.



