Српската Алта Банка, која ја купува Стопанска банка Битола, најави изградба на своето ново седиште во Белград – кулата „Alta Tower“. Проектот ќе комбинира деловен, станбен, трговски и угостителски простор, како и нов јавен плоштад, со цел да создаде современ центар за бизнис и заедница.
Кулата ќе има 35 ката и вкупна површина од 79.470 квадратни метри. Дизајнот е дело на британската архитектонска фирма „Заха Хадид“ (ZHA) во соработка со белградското биро „Биро Кјуб Партнерс“ (BCP). Според авторите, архитектурата ја отсликува основната мисија на банката – стабилност, безбедност и отпорност – додека обезбедува современа работна средина и поттикнува соработка и иновации.
Изградбата на кулата на местото на сегашното седиште на Алта Банка е симбол на динамичниот раст на институцијата, која во 2023 година забележа 22 пати поголем раст во споредба со претходната година. Од ова лето, банката ја прошири услугата на сметки за електрична енергија и отвори шалтери во полициски станици низ цела Србија.



