Вајц очекува уставни измени по локалните избори за вклучување на бугарската заедница и напредок на европскиот пат

0
64

Австрискиот европратеник Томас Вајц изрази надеж дека по завршувањето на локалните избори во Северна Македонија ќе бидат спроведени потребните уставни измени за официјално вклучување на бугарската заедница во Уставот како малцинство.

Во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР), објавена и од Медиумската информативна агенција (МИА), Вајц нагласи дека усвојувањето на уставните измени ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите за членство во Европската Унија.
„Земјата сега е вклучена во пристапниот процес, но преговорите сè уште не се започнати. Потребно е да започнат наскоро за да се одржи Северна Македонија на вистинскиот европски пат“, изјави Вајц.

Тој оцени дека македонската влада полека, но сигурно ги спроведува агендите поврзани со малцинствата, коридорите и безбедносните прашања, што покажува одреден напредок. Сепак, Вајц потенцира дека сè уште недостига вистински пробив за забрзување на европскиот пат на земјата.

„Северна Македонија сè уште е блокирана од Бугарија. За жал, прашањата поврзани со идентитетот го блокираат напредокот“, додаде Вајц.
Бугарскиот претседател Румен Радев, за време на средбата со претседателот на Унгарија, Тамаш Сујок, повика Унгарија да ја убеди Северна Македонија дека промената на Уставот и европскиот консензус по ова прашање се неотповиклив услов за членство во ЕУ.