МВР Апел: Граѓаните и партиите да придонесат кон мирна и демократска атмосфера

0
51

Министерството за внатрешни работи за време на Локалните избори континуирано презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.

-Согласно направените проценки и воспоставените планови на денот на изборите полициските службеници ќе бидат присутни во близина на локациите на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир. Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти, соопшти МВР.

МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од било какви активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.

Полицијата ќе ги обезбедува гласачките места непрекинато почнувајќи од 6:00 часот до 19:00 часот за времетраењето на гласањето, по затворањето на гласачкото место и за време на сумирањето на резултатите и ќе ги отстранува сите неовластени лица од објектот.

Полицијата го обезбедува избирачкиот одбор до предавање на записникот и изборниот материјал на општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје.
Избирачкиот одбор ќе се грижи за одржување на редот и мирот на гласачкото место и може да го отстрани секое лице кое го нарушува редот и мирот на гласачкото место. Членовите на одборот можат да побараат помош од полицијата за воспоставување ред на гласачкото место.

Превземено: А1Он